Во периодот од 5 до 11 октомври, тестирани се вкупно 13.028 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, или 32,5 отсто повеќе во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.243 нови позитивни случаи од 33 града во државата, што претставува зголемување од 86,5 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (51,5 проценти), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Гевгелија – 215,1/100.000, информираат од Министерството за здравство, согласно извештајот на Институтот за јавно здравје.

Оттаму посочуваат дека процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период изнесува 17.2 отсто или 5 отсто повеќе во однос на претходната недела.

Најзастапена е возрасната група од 30-39 години (20,3 отсто). Голем дел на заболени има и кај луѓето од групите 40-49 години (19,6 отсто), од 20 до 29 години (18,5 отсто), над 60 години (18,1 отсто) и 50-59 години (15,3 отсто). Најмал број на регистрирани заболени има кај децата од 0 до 9 години (2,4 проценти) и кај оние од 10 до 19 години односно (5,9 проценти).

Како што покажува извештајот на ИЈЗ, од случаите кои се епидемиолошки истражени (60,1 проценти) регистрирани се 94 (7,1 отсто) хоспитализирани, а кај 319 (23,7 проценти) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи, 513 (38,1 проценти) имале контакт со потврден случај. Регистрирани се 22 (1,6 отсто) лица со историја на патување (во последни 14 дена).

Во споменатиот период, од добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 815 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 29 повеќе споредено со претходната недела.

Од ИЈЗ велат дека пријавени се 31 смртен случај од 15 градови, за еден повеќе од претходната недела. Во однос на возраста, 26 лица биле над 60 години, а 4 лица на возраст од 50-59 години. Само едно лице е од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 24 починати лица.