Кабинетите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, биле во постојан контакт околу усогласувањето на текстот на писмената гаранција за унитарноста на државата, која Иванов ја бара од новото парламентарно мнозинство. Ова денеска го соопшти лидерот на СДСМ, по излегувањето од Јавното обвинителство, каде даваше исказ како оштетен во насилствата во Собранието на Република Македонија од 27 април.

– Постојано сме во контакт со кабинетот на претседателот Иванов, за да го усогласиме текстот на гаранциите за унитарноста на државата што треба да му биде предаден. Штом таа работа ќе биде завршена, очекувам претседателот да ми го предаде мандатот за формирање влада – рече Заев, но не кажа конкретно кога ќе му го предаде текстот со гаранцијата на Иванов.

Во врска со локалните избори и со потребните законски измени што треба да се направат за да се одблокира работата на општините, кои остануваат без градоначалници и општински совети, бидејќи, според актуелните закони, на 15 мај им завршуваат мандатите, Заев рече дека потребно е пратеничките групи преку меѓусебен договор да го усогласат текстот на измените на Изборниот законик, кои треба да поминат пред Законодавно-правната комисија и пред Комисијата за политички системи.

Заев како можни термини во кои би се одржале локалните избори ги спомена октомври оваа година или март следната година.

Околу исказот за насилствата во Собранието, Заев во Обвинителството кажал дека шестмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ го организирале упадот на толпата демонстранти во зградата на законодавниот дом, со план и со умисла да биде изврешно убиство на пратеници.

– Собранието има пет влеза, демонстрантите се обидоа да влезат само од главниот влез зашто двајца пратеници им ги отворија вратите. На другите влезови челичните шипки и обезбедувањето си го направија своето – изјави Заев.

Лидерот на СДСМ изјави дека очекува пред лицето на правдата да бидат изведени сите извршители, нарачатели и организатори на насилството во Собранието за кои има докази.

Заев рече дека тој лично им простил на насилниците уште следниот ден, но нагласи дека „не смееме да дозволиме и институциите да им простат“.

Искази во Обвинителството денеска треба да дадат заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, пратеникот и портпарол на СДСМ, Петре Шилегов, и уште неколку членови на партијата кои беа нападнати во Собранието на 27 април.