Советник на Трамп даде оставка поради контакт со Русија

Мајкл Флин, советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, поднесе оставка поради контакти кои ги имал со Русија, соопшти Белата куќа.

Флин наводно, пред доаѓањето на Трамп на чело на САД, разговарал со амбасадорот на Русија, Сергеј Кислјак за санкциите кои администрацијата на Барак Обама и ги воведе на Русија.

Кога скандалот се открил, Флин негирал дека бил во комуникација со рускиот амбасадор, но потоа признал.

„За жал поради брзиот развој на настаните, ненамерно не сум го информирал потпретседателот Пенс за нецелосната информација во врска со мојот телефонски разговор со рускиот амбасадор. Искрено му се извинив и на претседателот и на потпретседателот и тие го прифатија моето извинување“, напиша Флин во оставката.

Контактот на Флин со амбасадорот на Русија пред инагурацијата на Трамп би можело да биде кршење на американскиот закон затоа што на обичните граѓани не им е дозволено да водат надворешна политика.

Оставката на Флин е внатрешна работа на САД, изјави портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков.

Песков претходно изјави дека Флин и рускиот амбасадор не разговарале за укинување на санкциите, но денеска одби да одговори на прашањето за тоа.