„Метаморфозис“: Податоците за трошењата ќе бидат покорисни во машински читлив формат

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ ѝ препорачува на Владата на Република Македонија да ги објави во машински читлив формат податоците за трошоците на министерствата и другите институции од централната власт.

„Метаморфозис“, која е една од граѓанските организации што цврсто се залагаат за примена на принципите на доброто владеење, отчетност, транспарентност и отвореност, го поздравува потегот на Владата да ја воведе електронската алатка за прикажување на трошоците, но напоменува дека податоците што се презентираат преку неа, заради подобра анализа, треба да ги овозможи и во машински формат.

„Потсетуваме дека за целосно исполнување на принципите на отчетност, транспарентност и отвореност потребно е податоците да се објават на начин и во форма кој ќе овозможи нивна додатна анализа и користење од страна на сите заинтересирани страни, особено од страна на македонските даночни обврзници за чии пари всушност се однесуваат самите податоци“, порачуваат од „Метаморфозис“.