Коцијанчич за „Мета“: Ја охрабруваме новата влада да спроведе кредибилни избори

Европската комисија повторно ги потсетува политичките партии дека спроведувањето на Договорот од Пржино е од најголема важност за враќањето на Македонија кон евроатлантскиот пат, изјави за „Мета“ портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, додавајќи дека работата на специјалниот обвинител е од витално значење за да се врати довербата во владеењето на правото.

– Ја имаме предвид оставката на поранешниот премиер и ја охрабруваме новата влада да го спроведе не само политичкиот договор, туку и другите итни реформи. Ја имаме предвид и одлуката на Собранието да се самораспушти следниот месец за да се одржат избори на денот договорен во политичкиот договор (24 април), но, исто така, потсетуваме дека одржувањето кредибилни избори вклучува и спроведување на неопходните реформи. Очекуваме сите политички партии и државните органи да соработуваат во решавањето на отворените прашања и веднаш да се обезбеди потребната поддршка на Државната изборна комисија, за да се обезбедат услови за кредибилни избори – рече Коцијанчич, додавајќи дека меѓународната заедница нема да се двоуми да ја изрази својата загриженост за подготовката на избори и однесувањето за време на кампања, што внимателно ќе ги следи.

Коцијанчич рече дека Брисел смета дека сè уште има простор и време за да се спроведат неопходните изборни реформи, за да има фер избори.

– Во оваа фаза, заедно со ОБСЕ/ОДИХР, веруваме дека сè уште е можно да се направат неопходните реформи за кредибилни и демократски избори, под услов да се спроведат. Но, сето тоа зависи од постигнатиот прогрес и од таа причина, кон средината на февруари ќе ја разгледаме работа, особено на избирачкиот список. Тоа ќе го правиме со сите засегнати страни (Европската комисија, земјите-членки на ЕУ, ОДИХР, ДИК и локални претставници), за да се процени дали условите за кредибилни избори се исполнети за предвидениот датум – рече Коцијанчич.

Во врска со законот за медиуми, на кој заглавија работните групи за спроведување на Договорот од Пржино, Коцијанчич ги повика политичките партии да соработуваат и да ги спроведат неопходните реформи.

– Комисијата повеќепати јасно ја истакна својата загриженост за слободата на медиумите, слободата на изразување и за квалитетот на новинарството. Комисијата ги повикува сите инволвирани страни да работат заедно и да постигнат напредок за потребните реформи, во согласност со европските стандарди – рече Коцијанчич.