Косово го одложи барањето за членство во УНЕСКО

Косовското министерство за надворешни работи соопшти дека Косово го одложи поднесувањето барање за прием во УНЕСКО.

„Прагматичното одложување на зачленувањето на Република Косово во Интерпол и во УНЕСКО е договор во координација со САД,  Велика Британија, Франција, Германија и со Италија“, стои во соопштението.

Министерството, исто така, верува дека ваквата одлука придонесува за зајакнување на меѓународната позиција на Косово, унапредување на односите со сојузниците, како и за безбедноста и за мирот.

Генералното собрание на УНЕСКО ќе се одржи во ноември, додека Извршниот совет во моментов работи на подготовка на конференцијата.

Косово во 2015 година за три гласа ја изгуби битката за членство во УНЕСКО,  поради што мораше да чека две години пред да поднесе ново барање за членство.