Кочовски: Македонскиот челик не е директно погоден од тарифите кои ги најави Трамп

Најавата за воведување на увозни тарифи за челични и алуминиумски производи од страна на американскиот претседател Доналд Трамп за Соединетите Американски Држави нема најдиректно да ги погоди македонските производители, бидејќи тој пазар не им е таргет, изјави за „Мета“ претседателот на Здржението на металургија при Стопанската комора на Македонија и директор на „Макстил“, Митко Кочовски.

Но како што објасни, со воведувањето на овие мерки може да дојде до пореметување на другите пазари, што индиректно може да повлијае и на македонските компании.

– Секое затворање на еден пазар, може да повлијае на другите пазари и на светските производители што продаваат таму. Европската економија заживеја, но таа не е толку силна за да ги апсорбира сите количини на челик кои ги извезува Кина, која е најголем свестки производител – вели Кочовски.

Тој додава дека по напливот на челик од Кина, како најголем производител, американската економија има основ да се штити од вештачка конкуренција и од дампинг цени.