Јавноста е целосно информирана за средбата на Заев и Ципрас во Давос, велат од Владата


       
Скопје, 6 февруари, 2018 - 13:11 (META) 

Јавноста беше целосно информирана за билатералната средба меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос и за демонстрираната добра волја од двете страни. Соопштението на Владата доаѓа по реакциите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но и по изјавата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас дадена за „Еуроњуз“.

„На билатералната средба меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас на Економскиот форум во Давос, за прв пат после две децении се откочија процесите кои водат кон достоинствено решение на отворените прашања на Република Грција и Република Македонија како две соседни европски земји. За демонстрираната добра волја од двете страни јавноста беше целосно информирана“, стои во соопштението на владината прес-служба.

Во него се наведува дека изнаоѓањето взаемно прифатливо решение е можно и за таа цел во тек е преговарачки процес.

„Потребна е добра волја и компромис од двете страни да се дојде до решение кое ќе ги почитува достоинството и идентитет на граѓаните на двете држави. За секој следен значителен исчекор во текот на преговорите јавноста ќе биде повторно целосно информирана“, се додава во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираа дека „во земјата владее целосен мрак за тоа што договорил Заев во Давос на средбата со Ципрас“.