Иванов ја прекинал и напуштил средбата со Заев и Димитров, најави обраќање

Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров се обиделе да го информираат претседателот Ѓорге Иванов за постигнатиот договор за името, но од кабинетот на претседателот велат дека средбата траела две минути.

„Во текот на денешниот ден претседателот Иванов ќе има обраќање до македонскиот народ и граѓаните на Македонија“, велат од кабинетот на Иванов.

Во соопштението испратено од Владата се вели дека „премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров имаа конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од договорот, но претседателот Иванов го прекина и напушти состанокот и одби да разговара за придобивките од овој историски договор за македонската иднина“.

„Владата ги повикува сите политички фактори да се обединат околу националните приоритети и да дадат поддршка за просперитетот на граѓаните и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Граѓаните конечно добија шанса да испишат ново поглавје во историјата на нашата земја и никој нема право да ги спречува да ја донесат вистинската одлука за македонската иднина“, се додава во соопштението од Влада.