Иран се закани со напуштање на нуклеарниот договор во случај на нови санкции


       
Техеран, 15 август, 2017 - 11:10 (META) 

Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска се закани дека Иран би можел многу брзо да го напушти нуклеарниот договор со големите сили, доколку САД продолжат со својата политика на „санкции и присилба“, јавуваат агенциите.

Договорот постигнат во јули 2015 година предвидува Иран да ја ограничи својата нуклеарна програма само на цивилни цели во замена за постепено укинување на меѓународните санкции.

„Пропаднатиот експеримент на санкции и присилба ја доведе претходната (американска) администрација на преговарачка маса. Но, ако сакаат да се вратат на таквите методи, тогаш сигурно е дека без никакво одложување – не за недели и месеци, туку за денови или часови, ќе се вратиме на состојбите пред договорот“, изјавил Рохани.

Тој рекол дека американскиот претседател Доналд Трамп не се покажал пред светот како „добар партнер“.

Како одговор на новите американски санкции поради ракетната програма и обвинувањата дека го поддржува тероризмот, Техеран издвои дополнителни средства за ракетната програма и за елитната револуционерна гарда.