Хилари Клинтон формира ново политичко движење – „Заеднички напред“

Хилари Клинтон соопшти дека формирала ново политичко движење „Заеднички напред“, чија цел е да им помага на групите што ги поттикнуваат луѓето да се ангажираат во политиката и тие кои се против администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, јавуваат светските агенции.

Како што коментираат американските медиуми, формирањето на движењето го означува враќањето на Хилари Клинтон на политичката сцена по нејзиниот пораз од Доналд Трамп на претседателските избори во САД, на кои таа беше кандидат на Демократската партија.

„Изминатите неколку месеци размислував, го поминував времето со семејството и шетав низ шума. Повеќе од кога и да било, сега верувам дека граѓанскиот ангажман е од витално значење за нашата демократија. Ме инспирираат сите што се обидуваат да се организираат и да предводат. Оваа годиа не излезе онаква каква што предвидував, но знам зошто сè уште се борам: за похумана, похрабра, инклузивна Америка. Напред!“, пишува Клинтон во серијата твитови преку кои ја објави веста.

Таа конкретно наведува пет групи кои ќе ги поддржува нејзиното движење, меѓу кои е и „Неделиви“, чија декларирана цел е да се спротистават на Трамп, потоа организацијата за расна еднаквост „Боја на промените“ и водечката демократска програма за обука на жени „Америка што никнува“.

Како што пишува „Хафингтон пост“, движењето „Заеднички напред“ е организирано како добротворна непрофитна организација врз основа на американските правила за основање такви организации.

Тоа значи дека движењето ќе може да собира парични средства од кој било извор, а да не ги објавува имињата на своите донатори, пишуваат американските медиуми.