Граѓаните ја блокираа улицата пред полициската станица „Пролет“

Откако по завршувањето на денешниот протест, полицијата во близина на Градска болница во Скопје го приведе возачот  на „пикапот“ на „Шарената револуција“, пред полициската станица „Пролет“, се собраа повеќе граѓани кои ја блокираа улицата. Приведениот се уште е во станицата, а од полицијата и покрај инсистирањето на „Мета“ не добивме одговор зошто е приведен возачот на пикапот.

Од „Шарена револуција“ и на својот „Фејсбук“ профил објавија:

„Режимот повторно се обидува да удри по нашите соборци, но нема да им успее! Вечерва, на крајот од протестот во Скопје, од страна на неуниформирани полициски лица приведен е Џовани, возачот на пикапот на ‪#‎ШаренаРеволуција‬ од каде секој ден ечат нашите гласови и нашите звуци.  Џовани се наоѓа во полициска станица Пролет (Кисела Вода). Нема објаснување зошто е приведен, кажано му е да чека.
Пред полициската станица веќе се собираат стотици граѓани во знак на поддршка на нашиот соборец.
Џовани, со тебе сме, знаеме сите дека ќе има правда и ќе има мир. Ќе издржиме зашто заедно сме силни, зашто слободата е на прагот, а до тогаш ‪#‎НемаПравдаНемаМир‬!“, стои во „Фејсбук“ статусот.