Формиран Семакедонски национален совет – Македониум

Македонската дијаспора формираше Семакедонски национален совет – Македониум, заради, како што се наведува во прогласот на советот, одбрана на македонските национални интереси.

Советот, како што се наведува, ќе биде управуван од Македонци од секаде од светот. За претседател е избран Страшко Олумчев, додека четворицата заменици претседатели се Нестор Огинар, Никола Ставрески, Ристо Поповски-Лавот , Виолета Матијевиќ, Ицо Најдовски-Перин. Во раководството уште се и Ангелина Маркус, Љупчо Мирчевски-Трепет, Воислав Зафировски, Костадинка Ѓорѓевска и други.

„Ние Македонците не ги признаваме меѓународните, штетно потпишани договори и стратегии во име на македонскиот народ и на Македонија, од страна на Владата на Република Македонија, преку кои Македонија и народот се донесени во ситуација да се бранат и да се борат за своите човечки и национални правдини“, се вели во прогласот.

Обраќајќи се до претседателите на политичките партии, особено на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, членовите на советот бараат меѓупартиски договор за безусловен прекин на преговорите за името и за поднесување предлог во Обединетите нации за признавање на Македонија под уставното име, согласно повелбите на ОН.

Од советот бараат и спроведување попис на населението во Македонија, внесување на придобивките од АСНОМ во Уставот, во делот на Преамбулата, потоа Македонија да биде една изборна единица, да се врати министерство за иселеништво, а на сите Македонци по род, по автоматизам да им се издава македонско државјанство, без оглед дали живеат во државата или надвор од неа.

Во прогласот се бара и ревизија на приватизацијата на општествениот капитал, како и ревизија на имотите на сите македонски политичари и државни службеници од 1991 година досега и враќање на старите македонски симболи.

Досега, ваков сличен националниот совет беше формиран од македонската заедница во Србија, чиј претседател е Борче Величковски.