„Евробаскет 2015“: Македонија загуби од Грција со 65 – 85

Кошаркарската репрезентација на Македонија загуби од селекцијата на Грција со резултат 65 – 85, во првиот натпревар од групната фаза на Европското првенство, кое се игра во Хрватска, Германија, Летонија и во Франција.

Македонските кошаркари во поголемиот дел од натпреварот беа резултатски близу со противникот. Грците клучната разлика ја направија во последната четвртина, која ја добија со 15 – 26.

Најефикасен играч во тимот на Грција беше Георгиос Принтезис, кој постигна 18 поени, додека во нашиот тим најдобра игра покажаа Александар Костоски со 20 поени и Војдан Стојановски, кој постигна 13.

Наредниот меч на „Евробаскетот 2015“ македонските кошаркари го играат утре во 15 часот, против репрезентацијата на Холандија.