Џон Кели стана новиот шеф на кабинет на Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп го постави пензионираниот генерал на маринскиот корпус, Џон Кели, за нов шеф на својот кабинет.

Трамп на церемонијата на полагањето заклетва во Белата Куќа рече дека Кели „спектакуларно ќе си ја работи работата“.

Претседателот на САД претходно на „Твитер“ порача дека нема хаос во Белата куќа, додавајќи дека ситуацијата е „многу добра“.

„Најголема вредност на берзата досега, најдобри бројки на полето на економијата, најниска невработеност во последните 17 години, зголемени плати, безбедност на границите, значи – нема хаос во Белата куќа“, напиша Трамп.

Американскиот претседател се надева дека Џон Кели, кој 45 години ги поминал во униформа, ќе воведе војничка дисциплина во американската администрација.