ЗНМ: Лани биле нападнати 18 новинари, никој не е повикан на одговорност

-

Минатата година во Македонија вкупно се регистрирани 18 напади на новинари, од кои 13 физички и вербални напади, додека останатите се навреди, попречување во работа и уништување на имотот, се вели во Извештајот за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија за 2017 година кој денеска го презентираше Здружението на новинари.

– Минатата година во Македонија новинарите беа уценувани, прогонувани, тепани, добиваа смртни закани, се прогласуваа за предавници. Насилниците физички и вербално ги напаѓаат новинарите затоа што сакаат да ги заплашат и замолкнат со цел јавноста да не дознае за злоупотребите на власта – рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Тој изрази загриженост што Обвинителството досега не покренало ниту едно обвинение пред судовите за насилство против новинарите и говор на омраза.

Селмани посочува дека најбрутален физички напад врз новинарите беше извршен за време на насилствата во Собранието на 27 април.

– Овие насилници физички ги нападнаа новинарите и снимателите и ги спречија да известуваат од Собранието. Притоа им ги одземаа и им ги оштетија камерите и мобилните телефони. Освен тоа, некои од нив, под закана и со оружје, беа со часови држени како заложници, а притоа полицијата не им пружи никаква заштита – вели Селмани.

Како извор на насилствата во 2017, Селмани посочува дека во 95 отсто од нападите се извршени или мотивирани од претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Според него загрижува што и по промената на власта обвинителство не покажува поголем интерес за процесуирање на овие напади.

Во периодичниот извештај на експертот Прибе од септември 2017 година на оваа тема се вели дека „Иако има извештаи за малтретирања, закани и насилства врз новинарите, се тврди дека надлежните не истражуваат, обвинуваат или ги казнуваат извршителите со што се остава впечаток на неказнивост. Заштитата на новинарите од неказнивоста на извршителите треба да биде приоритет, бидејќи нападите против новинарите кои се ја вршат работата се во суштина напад врз основните вредности на демократската држава“.

Во извештајот на ЗНМ се констатира дека покрај недостигот на безбедност во работата, новинарите во Македонија работат под исклучително лоши економски услови. Тие имаат мали и нередовни плати, а немаат ниту договори за трајно вработување кое негативно влијае на нивната професионална независност.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

(ГАЛЕРИЈА) Први фотографии од студентскиот „Кузман“ чија реконструкција е во тек

Министерството за образование и наука (МОН) денеска со медиумите ги сподели првите фотографии од внатрешноста на студентскиот дом „Кузман Јосифовски - Питу“, чија реконструкција е во тек. На фотографиите може...