ЗНМ: Институциите да не ги попречуваат новинарските екипи во нивната работа

Здружението на новинарите на Македонија го осуди нападот на дел од демонстрантите врз редакцијата на „Радио Слободна Македонија“ во Скопје и бара од институциите веднаш да ги откријат напаѓачите и најостро да ги казнат.

„Секој напад врз новинарите е напад врз слободата на говорот и врз правото на граѓаните да бидат информирани. Неказнувањето на насилството може да доведе до многу посериозни последици врз сигурноста и врз безбедноста на новинарите. ЗНМ го осудува и непримерното однесување на властите кон новинарите од соседните земји. Несфатливо е што властите им забраниле влез во Македонија на тројца новинари од весникот „24 Часа“ од Бугарија, а еден новинар од телевизија „Топ ченел“ од Албанија бил задржан на информативен разговор во Скопје.

Од ЗНМ велат дека со вакви непромислени постапки властите создаваат негативна слика за Македонија во регионот. Од здружението ги повикуваат институциите да не ги попречуваат новинарските екипи во нивната работа и да не креираат недоверба во јавноста кон новинарската професија.