ЗНМ и ССНМ реагираат, не е работа на премиерот да ја оценува уредувачката политика на медиумите

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Наративот инициран од премиерот Димитар Ковачевски, претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира, но и да се одвратат да се бават со теми кои се од јавен интерес. Ова е дел од реакцијата на Здружението на новинари на Македонија, откако премиерот ја искоментира работата на некои медиуми.

Имено, на новинарско прашање дали премиерот Ковачевски ќе се огради од Aли Ахмети во контекст на изјавата дека етикетира медиуми, Ковачевски рече:

„Верувам дека господинот Ахмети таа изјава ја дал врз основа на факти и за објаснување ќе треба да го прашате него. Бидејќи и за медиумите и јас имам мое лично мислење, јас можам да дадам мое лично мислење како некои медиуми се однесуваат. Што се однесува до мене можам да кажам дека во државата има медиуми чија што уредувачка политика личи на компанија која што тргува со енергенси, а има и медиум чија што уредувачка политика личи на партиски сектор за комуникација”.

Во ЗНМ велат дека ако политичарите, јавните функционери сметаат дека одредени медиумски содржини не се во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела односно Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите на Македонија.

Оттаму оценуваат дека ваквиот однос на премиерот Ковачевски е непрофесионален и крајно неприфатлив од причина што, денеска ЗНМ реагираше за скандалозната изјава кон медиумите на неговиот коалициски партнер Али Ахмети.

„Ваквата пракса на непримерна комуникација може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници, а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст. Јавните функционери и останатите претставници на Владата треба да имаат повисок степен на толеранција кога имаат јавна критика за нивната работа а при тоа се исполнети професионалните стандарди на новинарската професија“, наведено е во соопштението од Здружението.

И Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро реагираше на изјавата на премиерот, со која, како што велат оттаму, тој се впушти во квалификација и ревидирање на уредувачката политика на одредени медиуми.

„Сметаме дека државните функционери, особено кога се работи за најмоќната државна позиција, мораат да внимаваат на искажаниот збор бидејќи, вперувањето со прст од различни причини кон одредени медиуми ги става во незавидна позиција медиумските професионалци, кои потоа се цел на разни напади, говор на омраза и слично“, наведено е во реакцијата на Синдикатот.