Жена од ПКК е еден од напаѓачите во Анкара

Еден од двајцата осомничени напаѓачи за нападите во Анката, каде загинаа 37, а повредени се 125 лица, била жена која во 2013 година се придружила кон Работничката партија на Курдистан (ПКК), изјавија денеска турските безбедносни претставници.

Тие соопштија дека жената е родена 1992 година во источниот турски град Карс.

Полицискиот извор наведува дека другиот напаѓач е маж. Отсечените раце на двајцата напаѓачи се пронајдени на 300 метри од местото на експлозијата.

Користен е ист експлозив како и при нападот од 17 февруари, во кој загинаа 29 лица, претежно војници. Бомбата била наполнета со сачма и шајки, за да биде поразорна, соопштија извори од полицијата.

Турските власти прогласија целодневен полициски час во југоисточниот град Сирнак, со цел да се изврши операција против курдските милитанти во тоа подрачје, соопшти канцеларијата на локалниот гувернер.