Зеленски: Путин лажно го обвинува Киев за нападот во Москва

Рускиот претседател, без докази, тврдеше дека Украина соработувала со осомничените терористи кои масакрираа најмалку 133 лица во петокот вечерта и дека четворицата уапсени вооружени лица планирале да побегнат во Украина

Извор на фотографија: Укринформ

Украинскиот претседател Володомир Зеленски, вели дека Путин се обидува лажно да го обвини Киев за нападот на концертот во Москва, пренесува „Гардијан“.

Украинскиот претседател вели дека потегот на рускиот лидер е „предвидлив“ бидејќи Киев негира каква било вмешаност. Путин, според Зеленски, се обидува на Украина да ја пренасочи вината за масакрот во концертната сала во Москва.

Рускиот претседател, без докази, тврдеше дека Украина соработувала со осомничените терористи кои масакрираа најмалку 133 лица во петокот вечерта и дека четворицата уапсени вооружени лица планирале да побегнат во Украина. Зеленски во саботата рече дека е „апсолутно предвидливо“ дека Путин молчел 24 часа пред да се обиде да го поврзе тоа дивеење, со Украина.

Киев негира дека има каква било вмешаност во нападот, за кој одговорноста ја презеде групата Исламска држава.

Инаку, главниот град на Украина и западниот регион Лавов беа под „масивен“ руски воздушен напад рано во неделата. Сергиј Попко, шефот на градската воена администрација во Киев, рече дека проектилите биле испукани кон главниот град „во групи“, во напад пред зори. Прелиминарните извештаи сугерираат дека нема жртви или штета, а воздушната одбрана на градот погодила околу десетина проектили.