Зеленски: Одамна загубив интерес за НАТО, не се подготвени да ја прифатат Украина

Фото: ukrinform.net

Што се однесува до НАТО, јас одамна изгубив интерес по тоа прашање откако сфативме дека НАТО не е подготвен да ја прифати Украина. Алијансата се плаши од контрадикторни работи и конфронтација со Руската Федерација, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за американската телевизија „Еј-Би-Си ворлд њуз”, одговарајќи на прашањето дали Украина е подготвена да ги испочитува барањата на Руската Федерација за прекин на војната: да го променат ставот и да одбијат влез во НАТО, да го признаат Крим како руски и да ја признаат независноста на Донецк и Луганск.

Запрашан за можноста за признавање на Крим и самопрогласените републики во Донбас, Зеленски одговори дека постои можност властите во Киев да разговараат и да најдат компромис за тоа како луѓето ќе продолжат да живеат таму.

„Можеме да размислиме и да најдеме компромис за тоа како ќе постојат окупираните територии и тие републики. Она што е важно за мене – како луѓето кои сакаат да бидат дел од Украина ќе живеат таму“, истакна Зеленски на прашањето за можноста за признавање на Крим, како и за самопрогласените „Народна република Доњецк” и „Народна република Луганск”.

Тој нагласи дека Украина „не е подготвена за ултиматуми”, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин „мора да почне да разговара, да започне дијалог”.

Зеленски рече дека не е подготвен за капитулација, бидејќи тој е избран претседател.

Кремљ вчера соопшти дека е подготвен да ја прекине воената операција доколку Киев ја признае независноста на самопрогласените „Народна република Доњецк” и „Народна република Луганск” и одбие да се приклучи на „кој било блок”.