Затворени се четири објекти во акциска контрола на МВР и на УЈП

Министерството за внатрешни работи заедно со Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, во изминативе два дена продолжи со спроведувањето контроли во угостителските објекти во Битола, Прилеп, Ресен, Македонски Брод и во Демир Хисар, при што е извршена контрола во 28 објекти. Инспекциските контроли утврдиле непочитување на Законот за заштита од пушењето, пијани малолетници и неиздавење фискални сметки. Привремено се затворени четири објекти.

Во Битола се издадени четири казни, направени се 79 проверки на идентитет, забележано е непочитување на Законот за заштита од пушење и биле затекнати седум малолетници по полноќ. На кабарето „Давидов“ изречена му мерка забрана за работа во траење од 15 дена.

Во Прилеп издадени се седум казни, шест платни налози, извршени се две проверки на идентитет, а три лица се приведени. И таму е констатирано непочитување на Законот за заштита од пушење и присуство на две малолетни лица во ноќни клубови. На 30 дена е затворен ноќниот клуб „Даниелс“.

Во Ресен издадени се две казни и извршени се три проверки на идентитет и на 15 дена е затворена ќебапчилницата „Синан“, во Македонски Брод на еден локал е издадена парична казна и на кафе-бар „Пот чука“ изречена му е забрана за работа од 30 дена, а во Демир Хисар издадени се шест парични казни.

Оваа акциска контрола е продолжување на контролата спроведена во четвртокот во Битола, со која беше извршена контрола во 16 угостителски објекти.