Затворената обиколница направи тесно грло од центарот на Скопје

Метеж и нервоза кај возачите денеска има низ улиците во Скопје, а се предизвикани од затворањето на обиколницата за потребите за снимање на францускиот филм „A Фонд“. Тоа создаде тесно грло по улиците и по булеварите низ центар на градот.

Метежот е интензивен по булеварот Никола Карев, односно т.н. Пластичарска улица, а колона возила има и по булеварот Илинден.

„Никаде во светот не е дозволено затворање на автопат на ваков начин. Особено не на толку долг временски период, 37 дена“, реагираа денеска и од СДСМ.

– Несериозни се споредби со земји со многу поразвиена сообраќајна инфраструктура, кои имаат можности за брзи алтернативни решенија за премостување затворени делници. Со затворањето на обиколницата, целиот товарен сообраќај поминува низ Скопје. Сите камиони што транзитираат ќе поминуваат низ центарот на градот. Со тоа се зголеми сообраќајниот хаос на оваа улица, Никола Карев, попозната како Пластичарска, а инфраструктурата во Скопје ќе претрпи нови оштетувања. Дополнително, зголемениот сообраќај ќе предизвика уште поголемо загадување на воздухот во Скопје, кој одамна е најзагадениот град во Европа – изјави на прес-конференција Благој Бочварски, претседател на комисија за транспорт и врски и член на извршниот одбор на СДСМ.

Француската продукциска куќа „Шик филм“, која ќе го снима филмот на скопската обиколница, на патарината во Петровец и на дел од автопатот кај Градско, на државата ќе ѝ плати вкупно 17,5 милиони денари (284.552 евра) од кои 4,8 милиони денари за реконструкција на стариот пат Велес – Градско, преку кој ќе биде пренасочен сообраќајот, и 12,7 милиони денари средства кои Македонија би ги инкасирала од патарините доколку обиколницата би била отворена.

Момин поток