Затворена сендвичарница во Аеродром, од храна се затруле девет лица

Пет лица се лабораториски потврдени со наод на салмонела (Salmonella infection), 3 лица со гастроентероколитис (Gastroenterocolitis) и едно лице со Intoxicatio alimentaris (труење со храна)

Извор на фотографија: Mogens PetersenPixabay上发布

Вонредната инспекциска контрола спровеле вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), откако добиле пријава од 9 лица кои се затруле со храна, соопштуваат оттаму. Од нив, кај петмина се лабораториски потврдени со наод на салмонела (Salmonella infection), 3 лица со гастроентероколитис (Gastroenterocolitis) и едно лице со Intoxicatio alimentaris (труење со храна).

„Инспекциските служби заедно со стручни лица од Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје и Државниот здравствен и санитарен инспекторат, вчера спроведоа вонреден инспекциски надзор во сендвичарница во скопски Аеродром. При контролата констатирана е задоволителна санитарно – хигиенска состојба во објектот. Сосовите со мајонез и кечап ,како и плескавици и пилешки стек се од сопствено производство кои се доставуваат до објектот со соодветно возило за транспорт, а редовно се воделе и записи за добра хигиенска и производствена пракса. Вработените лица утврдено е при вонредниот надзор, биле со уредни санитарни книшки“, информираат во Агенцијата.

Оттаму додаваат дека за утврдување на причинителот на инфекциите, земени се 5 мостри од храна и тоа мајонез, кечап,стек, плескавица и марула, 4 бриса од работни површини и опрема, и 3 од вработените лица.

„Издадено е решение за забрана за подготовка и послужување на храна се до добивање на негативни резултати, како превентива за можно ширење на заразата, спроведување на вонредни санитарни прегледи, темелно механичко и хемиско чистење“, пишува во соопштението од АХВ.