Затворена гостилница во Влае – четворица се отруле со храна

На сопственикот на гостилницата наредени му се превентивни мерки за чистење и вршење на вонредни санитарни прегледи на вработените лица

Фото: The image was posted by Pexels on Pixabay

Четири лица побарале медицинска помош на Клиниката за инфективни болести, откако имале симптоми на труење со храна која ја јаделе во гостилница во скопската наслеба Влае. Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спровеле вонреден инспекциски надзор во гостилницата, зеле брисеви од работните површини и примероци од храната што ја консумирале лицата.

„На операторот со храна наредени му се превентивни мерки за чистење и вршење на вонредни санитарни прегледи на вработените лица. Инспекторите ја затворија времено гостилницата, до добивање на резултатите од земените примероци за лабораториско тестирање. Во услови на високи температури и поголеми ризици од труење со храна, АХВ упатува апел операторите да бидат одговорни и да се придржуваат до HACCP принципите за безбедност и правилата за добра производствена и добра хигиенска пракса со цел обезбедување на безбедна храна за граѓаните и заштита на нивното здравје“, наведено е во соопштението од АХВ.

Оттаму препорачуваат потрошувачите да бидат одговорни купувачи и храна да набавуваат од регистрирани оператори, односно да пазарат на начин и во време кога нема опасност да предизвикаат нејзина контаминација поради високите температури.

„Бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 на Агенцијата за храна и ветеринарство останува отворена на пријавување на сомнеж во однос на безбедноста на храната. Претставки до Одделението за заштита на потрошувачите граѓаните може да поднесат и лично и електронски на [email protected]“, се додава во соопштението.

Во АХВ информираат и дека инспекциските служби денеска наредиле и уништување на приближно два тони замрзнато свинско месо по потекло од Република Грција, чиј шверц беше спречен викендов од страна на мобилна екипа на Царинската управа.