Заев ќе ја води владата наредните четири години, на 100 дена пред избори ДУИ ќе предложи премиер

Али Ахмети и Зоран Заев на прес-конференција го најавија договорот за новата владина коалиција | Фото: Арбнора Мемети

Постигнат е коалицискиот договор помеѓу СДСМ и ДУИ, Зоран Заев ќе биде премиер на новата Влада наредните четири години. Сто дена пред истекот на мандатот, на предлог на ДУИ, ќе се избере премиер што ќе ги организира изборите, соопштија лидерите на двете партии, Зоран Заев и Али Ахмети на заедничката прес-конференција по денешната лидерска средба.

Договорот се темели на принципи кои Заев ги презентираше, истакнувајќи дека е горд што договорот е постигнат на самиот почеток на истекот на 20 уставни гарантирани денови. Тој најави дека кадровската понуда ќе се води од принципите за еднакво општество за сите.

Али Ахмети, Зоран Заев, заедно со генералните секретари Артан Груби и Љупчо Николовски на лидерската средба во Клубот на пратеници во Скопје | Фото: Арбнора Мемети

„Владата ќе ја предводам јас како нејзин премиер во полн четиригодишен мандат“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Како што соопшти тој, со законски измени ќе се укине Пржинската влада, а во меѓувреме ќе се подготвува нов изборен модел за идните локални избори. Во владата нема да се предлагаат министри без ресор со исклучок на вицепремиерските места.

Заев потенцираше дека во првите шест месеци од мандатот на Владата, на работа ќе тргнат сите лица од Рамковниот договор, а двете партии се согласни да има намалување на администрацијата за 20 проценти.

Како што истакна Заев, СДСМ и ДУИ се децидни да се намалат привилегиите на функционерите, воедно и да се преиспита нивниот имот. Од другите приниципи, на кои се темели договорот помеѓу партии, се истакна и потребата од посилни инспекциски надзори, односно да има поголеми казни за загадувачите.

„Борбата со корона вирусот и грижата за јавното здравје и понатаму ќе биде приоритет“, додаде Заев.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети на прес-конференцијата на која се објави постигнатиот договор за нова влада | Фото: Арбнора Мемети

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети истакна задоволство од договорот за коалиција со СДСМ за новата влада, и рече дека е сигурен дека овој договор меѓу партиите ќе биде поздравен од сите граѓани.

„Ова партнерство ќе го надградуваме уште четири години, и јас сум убеден дека ќе биде најуспешна коалиција до сега“, рече Ахмети.