За една недела 78 нови ковид случаи и еден починат, стотици не ни знаат дека се заболени

Заборавете на тоа дека ќе го искорениме ковидот. Има варијанти еден куп, а симптомите се слични, вели епидемиологот д-р Александар Стојанов

Фото: Luiz Paulo R Santos on Unsplash

Во последнава недела, односно во периодот од 22 до 28 јули, Институтот за јавно здраје (ИЈЗ) евидентирал 78 нови случаи на ковид од вкупно направени 263 тестови. Како што информираат оттаму за Мета.мк, при секвенционирањето примероци позитивни на SARS-CoV-2, извршено во одделението за вирусологија при ИЈЗ детектирани се варијантите на Омикрон JN.1 (кај 23 примероци), како и XBB (кај 9 примероци).

„Во текот на последната извештајна недела од 22 до 28 јули 2024 година, во републиката се направени 263 тестови за ковид-19, од кои позитивни биле 78. Регистрирано е и едно починато лице. Процентот на позитивни од вкупниот број на тестирани изнесува 29,7 отсто. Вкупниот број на тестови изработени во РСМ од почетокот на пандемијата до 28.07.2024, изнесува 2.260.797, од кои позитивни биле 350.808 тестови“, велат во ИЈЗ за Мета.мк.

Симптомите кои се јавуваат при JN.1 варијантата се назална конгестија или течење на носот, воспалено грло, замор, главоболка, кашлица, болки во мускулите или телото, треска, како и гадење или повраќање.

Симптомите, пак, што се јавуваат при XBB варијантата на омикрон, се чини дека се слични на оние на претходните варијанти на омикрон – тие може да варираат од типични симптоми на настинка, како кашлица и течење на носот, до отежнато дишење и ниски нивоа на кислород за кои е потребна медицинска помош.

Дали треба да нè загрижуваат овие бројки и дали треба да се преземат мерки? Епидемиологот д-р Александар Стојанов, вели дека кога луѓето би се тестирале помасовно, бројката на ковид случаи би била далеку поголема од сегашната.

„Заборавете на тоа дека ќе го искорениме ковидот. Цело лето го имаме. Има варијанти еден куп, а симптомите се слични. Оние кои имаат коморбидитети се ризични, оние кои немаат имунитет се уште поризични. Ако зборуваме за мерки, на овие жештини тешко е истите да се применат. Летно време е, тешко е да се намалаат контактите, имате млади во дискотеки, во кафеани. Затвореноста му здосади на цел свет. Ова е реалност и со неа ќе живееме. Во исто време имате стотици луѓе кои не ни знаат дека имаат ковид. Заболуваат, го пренесуваат на други, го прележуваат“, вели Стојанов.

Инаку, од почетокот на ковид пандемијата, заклучно со 28 јули, во Македонија се регистрирани вкупно 350.808 заболени лица и 9.992 починати лица како резултат на болеста.