Водно стана заштитен предел, екологистите и понатаму бараат заштита со закон

Фото: Министерство за животна средина

Водно стана заштитен предел со Одлука која вчера ја донесе Владата. Со ова, информираат од Министерството за животна средина, ќе се овозможи заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности на планината. Истовремено, се назначи Градот Скопје како субјект кој ќе управува и ќе се грижи за подрачјето и кој ќе донесе План за управување. Планот ќе треба да ги содржи сите потребни мерки и активности за заштита на природата, а особено мерки за управување со просторот и утврдување на систем на мерки и активности за заштита од пожари и други природни катастрофи, меѓу кои и мерките за заштита од ерозија.

Министерот за живитна средина, Насер Нуредини, истакна дека е задоволен што, по напорна работа ја исполниле обврската за ревалоризација и прогласување на заштитеното подрачје за да ја обезбедат максималната заштита, согласно законот.

Планината Водно долго време чекаше на добивање на статус на заштитено подрачје согласно постојното законодавство за заштита на животната средина, кое е единствената алатка за овозможување на ваква правна интегрирана заштита во Република Северна Македонија.. Сега следи процесот на подготовка на потребните акти и планот за управување со конкретни мерки, за кои исто така ќе има процес на јавна консултација и ги поканувам експертите и целата јавност да учествуваат во операционализацијата на оваа заштита на вистинскиот начин,изјави Нуредини.

Водно го доби статусот на заштитено подрачје со Одлука, согласно законодавството за заштита на природата, иако во рамките на јавните расправи беа изнесени различни ставови помеѓу Министерството за животна средина од една и екологисти, експерти и дел од институциите од друга страна, кои се заложуваа Водно да се заштити со специјален закон.

Од организацијата „Го Сакам Водно“ вчера напишаа дека и покрај нивните напори да укажат на негативните ефекти од заштитата со Одлука, министерството остана на својот став.

Многупати укажувавме до институциите, но и лично до самиот Претседател на Владата, за погубноста од носење на една ваква Одлука за заштита на Водно, со презентации на експерти и претставници од надлежни институции кои го согледуваа истото, но ефектот е поразителен. Сепак, МЖСПП продолжи со постапката која ќе донесе до комплетна урбанизација и девастација на Водно, а чии последици ќе ги чуствуваме сите граѓани на Скопје, па и на целата држава“, пишуваат од „Го сакам Водно“.

Тие потсетуваат дека до министерството беа доставени мислењa со несогласување од институции, што беа занемарени.

Во март годинава, екологистите, поддржани од експерти од Шумарскиот факултет, Управата за хидрометеоролошки работи и Агенцијата за планирање на просторот, апелираа дека Водно мора да биде заштитено, но од вистинските причини, а тоа е заштита на градот Скопје од поплави и ерозии, а не заради неговите природни богатства и уникатна природа. Тие барањето директно го адресираа до премиерот Зоран Заев, бидејќи сметаа дека нивните забелешки се игнорирани од Министерството.

Професорот на Факултетот за шумарски науки „Ханс Ем“, Иван Блинков тогаш ги акцентираше Студиите за заштита на шумите, за поплави, за ерозија, изработени од УНДП и Градот Скопје и планот и елаборатот за пошумување на Водно, кои меѓусебно се усогласени со една цел, одбрана од поплави од Водно, а продеканката Македонка Стојановска, истакна дека Водно, не е природно наследство, туку пред пет-шест децении било голина, која е вештачки пошумена заради заштита на Скопје од поплави и ерозија. Васко Стојов, раководител на Одделението за хидрологија во УХМР, тогаш истакна дека Водно мора да се разгледува и од хидролошки аспект, за да не се повтори поплавата од 1951 година.

Од Министерството за животна средина, пак, и вчера информираа дека го потврдуваат исклучителното значење на Водно и неговите повеќекратни функции за околните населени места и Градот Скопје, заради што ја дополниле Одлуката и предвиделе да се подготви и Просторен план на подрачјето. Исто така ќе се исполни и обврската на локалната самоуправа за утврдување на границите на ерозивни подрачја, и ќе се забрани градба на нови објекти, доградба и надградба на постојните и проширување на урбаните опфати на населените места на територијата на заштитениот предел – Водно.

Важно е што Водно ја доби заштитата согласно постојното законодавство, а во меѓувреме доколку се изработи нова идеја за подобра заштита и регулатива, таа секогаш може да биде дополнително предложена и изгласана од Собранието, истакна Нуредини.