Во Северна Кореја ослободени последните американски заробеници

Авионот со ослободените американски државјани е на пат кон САД

Американските државјани Кенет Беј и Метју Тод Милер можат да ја напуштат Северна Кореја и наскоро ќе се вратат дома, соопшти американската влада.

Авионот со ослободените американски државјани е на пат кон САД. Минатиот месец Северна Кореја го ослободи Американецот Џефри Фоул.

Претходно, Пјонгјанг го осуди Метју Милер на шест години затвор, под обвинение за непријателско дејствување и за илегален премин на границата.

Кенет Беј, пак, во ноември 2012 беше уапсен на пристаниште на градот Расон, кој е прогласен за посебна економска зона. Тој беше осуден на 15 години затвор.

На денешната одлука за ослободување на американските државјани ѝ претходеше посетата на американскиот директор на Државната разузнавачка служба, Џејмс Клапер, кој беше на официјална покана за разговор на оваа тема.