Во ОХИС се копаат темели за шаторот под кој ќе се чисти линданот од малата депонија

Фото: Мета.мк

Чистењето на малата депонија со линдан во кругот на фабриката ОХИС ќе започне штом стигне заштитниот шатор од Италија, најави денеска министерот за животна средина Насер Нуредини, на заедничка прес конференција со премиерот Зоран Заев. Нуредини информира дека во рамките на проектот за расчистување на првата од четирите депонии на линдан во Скопје, веќе се почнати подготвителните работи на терен.

„Во однос на проектот за линданот во малата депонија добив информација од компанијата што го доби тендерот кои се причините за  доцнењето на работите. Во моментов се работи и се чека да стигне шаторот од Италија и што побрзо да се постави. Мораме да бидеме внимателни и да се грижиме за здравјето на нашите граѓани, заради што и работиме на тоа што побрзо да го експортираме линданот“, рече Нуредини.

Во моментов, како што информираат од Министерството за животна средина, околу депонијата се вршат градежни работи за подготовка на темелите на металната конструкција заштитниот шатор, кој ќе има околу 3.000 квадратни метри. Во меѓувреме се земаат и примероци од почвата и се анализираат за присуство на линдан. Минатата недела била извршена и контрола од компанијата за супервизија од Холандија.

„Сукцесивно се носи опремата која е потребна за да се намести шаторот. Дојдена е дел од конструкцијата, поточно деловите за основата за која се прави подготовката во моментов. Донесени се и над 1.000 буриња за транспорт на линданот, заштитна опрема, компресори за негативен притисок, опрема за анализи и слично“, велат од министерството.

Посочуваат дека застој во работата нема и дека работите на терен постојано течат, а поставувањето на конструкцијата на шаторот подоцна од првичниот рок што беше најавен не е доцнење, туку потемелна и побезбедна подготовка на теренот. Повеќе ќе одговара и започнување на ископот во услови на пониски температури.

Чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС е најавено дека ќе трае околу една година. Во неа има околу 7.000 тони од опасната хемикалија и контаминирана земја, што повеќе децении стојат во дворот на некогашниот хемиски капацитет. Тие ќе бидат спакувани во специјализирани буриња и веднаш ќе се транспортираат на безбедно уништување во Франција и Холандија.

Заради поголема безбедност од испарувања и разнесување на прашина целиот ископ ќе се работи под специјализираниот шатор кој ќе има посебни единици за филтрација, а работниците ќе имаат и посебна респираторна заштита.

Веднаш до малата, во кругот на ОХИС се наоѓа и поголемата депонија со линдан, за која се претпоставува дека има околу 52.000 тони канцероген линдан. За нејзиното чистење дополнително ќе се бараат средства. ОХИС има и уште две депонии кои засега не се испитани и количините кои се складирани тука само се претпоставуваат. Едната се наоѓа во дворот на фабриката, а другата во месноста Пеленица, близу Драчево.