Железничката пруга на влезот во Скопје | Фото: Архива на Мета.мк

Забележително намалување на парите за заштита на животната средина, за инвестиции во железничката инфраструктура и воопшто за капитални инвестици се предвидува со ребалансот на буџетот за 2020 година, кој го објави Министерството за финансии.

Капитални расходи се намалени за 4,2 милијарди денари или околу 68 милиони евра во однос на првичниот план за 2020 година и тие сега се сведени на 19,5 милијарди денари (317 милиони евра).

Кај Министерството за животна средина има намалување на средствата за заштита на животната средина од првично планираните 407,6 милиони денари во буџетот за 2020 година на 292,9 милиони денари со ребалансот. Ставката „инвестиции во железничката инфраструктура“ кај Министерството за транспорт и врски е намалена од 2,6 милијарди денари на 1,8 милијарди денари.

Според образложението дадено во ребалансот на буџетот намалувањето на капиталните расходи е резултат на забавените економски активности, пролонгирање на инвестиционите вложувања поради изборните дејствија, како и мерките за воздржување од набавки на мебел,опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справувањето со здравствено-економската криза предизвикана од корона вирусот.

Од Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс Тинк“ коментирајќи го ребалансот на буџетот меѓу другото укажуваат дека кратењето на вкупните расходи е недоволно, но и дека наместо од тековните трошоци најмногу пари се скратени од капиталните инвестиции.

„Во услови кога постои неодложна потреба за поголеми трошења за справување со негативните последици од корона-кризата и истовремено голем пад на приходите, скратените постојни расходи се недоволни да ги компензираат зголемените трошоци сврзани со Ковид-19. Само 68 отсто од трошоците за Ковид-19 се покриваат со скратените расходи. Приоритизацијата во намалувањето на трошењата во зависност од нивното развојно значење не е рефлектирана во ребалансот на буџетот“, велат од „Фајненс Тинк“.

Оттаму додаваат дека очигледниот напор да не се скратат ставки на тековни трошења, од кои дел се сметаат за непродуктивни, може да се толкува како предизборен.

„На пример, буџетската ставка за стоки и услуги е намалена за 8,7 отсто во споредба со иницијалниот буџет, а платите и надоместоците за 1,4 отсто, или севкупно 0,9 отсто намалување во однос на вкупниот планиран буџет за 2020 година. За споредба, кратењето кај капиталните расходи е скоро двојно поголемо, 18 отсто во споредба со иницијалниот план или 1,8 отсто од буџетот за 2020 година“, констатираат од Институтот.

Според нив, тоа не кореспондира со најавите за интензивирање на извршувањето на капиталните расходи на државата, па дури и отпочнување планирани проекти за 2021 и 2022 во тековнава година.

„Имајќи ја предвид кризната состојба, кратењето на непродуктивните трошоци треба да биде радикално и одлучно, не само за да осигури фискален простор за финансирање на мерките сврзани со Ковид-19, туку и да испрати јасен сигнал кон економските агенти дека државата води посветена и конзистентна фискална политика во услови на криза. Капиталните расходи се на удар во овој ребаланс, како што тоа беше случај и во последната деценија и повеќе, 65 отсто од вкупните скратени расходи се од оваа ставка“, укажуваат од „Фајненс тинк“.

Оттаму сметаат дека дел од таквото кратење е поради неможноста да се донесе системско решение за менаџирање и планирање на капиталните расходи во изминатиот период, како на пример среднорочното планирање, а кое експертската јавност и меѓународните институции го укажуваа во повеќе наврати.

„Второ, кратењето доаѓа и поради веќе вообичаеното надувување на овие трошења во иницијалното планирање на Буџетот. Трето, за очекување е дека поради воведените рестриктивни мерки и новонастанатата кризна состојба, активностите за реализација на дел од капиталните расходи ќе забават“, велат од Институтот.

Од друга страна, министерката за финансии Нина Ангеловска при презентацијата на ребалансот соопшти дека со одлуката за прераспределбата која беше спроведена минатиот месец од капиталните расходи биле релоцирани околу 3,5 милијарди денари со цел спроведување на мерките и тоа од капитални расходи кои се однесуваат најмногу на опрема, возила и слични кои не се суштински и директно поврзани со справување со кризата.

„Со ребалансот намаливме-односно ги релоциравме дополнителни 700 милиони денари со што капиталните расходи, кои се задржани на ниво од 19,5 милијарди денари, се всушност на ниво на максимално реализирани капитални расходи во изминатите 10 години. Реализацијата на истите во време на оваа криза ќе одигра значајна улога во амортизирање на ударот врз економијата“, рече Ангеловска.

Инаку, приходната страна на буџетот со ребалансот се намалува за 11,5 отсто и истата изнесува 196,8 милијарди денари, додека расходната страна се зголемува за 1,4 отсто и истата изнесува 242,9 милијарди денари.