Во националниот парк Галичица расте бројот на единки на европски елен

Репродуктивниот центар за европски елен од националниот парк Галичица, работи со полна пареа и се зголемува бројот на единки на европски елен. Овој репродуктивен центар е изграден исклучиво за одгледување и реинтродукција на елените во паркот, а строго е забранет лов и други недозволени активности.

„Матичното стадо во следните години ќе биде сместено во оградената површина, а секоја година младите едники ќе се пуштаат во дивина“, потенцираат од управата на паркот.

Објаснуваат дека главните цели од реинтродукцијата на овој вид се: заштита на биодиверзитетот преку активно управување на високопланинските пасишта, заштита на пејсажните и пределските вредности, намалување на ризикот од пожари, подобрување на атрактивноста на националниот парк Галичица и едукативна функција.