Во месецот на театарот, сите претстави по 100 денари

По повод март, месецот на театарот, во Драмски театар секој ден ќе има по една претстава за која билетите ќе чинат 100 денари доколку се купат до денот на претставата, а на денот кога ќе се игра, билетите ќе чинат 150 денари.

Директорот на Драмски, Роберт Вељановски, вели дека во март ќе има најмалку 31 претстава, за што очекува голем одѕив кај публиката.
На 27 март, на Светскиот ден на театарот, Драмски ќе биде бесплатно отворен за сите и ќе се играат три престави, за кои ќе мора да се набават билети.

За сите заинтересирани, билетарата на Драмски театар е отворена секој работен ден, од 9 до 22 часот, и во недела, од 12 до 20 часот.

И Театар „Комедија“ ќе се вклучи во акцијата „Во март насмевката = 100 денари“. Во театарот ќе се играат неколку премиери, а ќе има и бројни претстави и гостувања, со што ќе се одбележи месецот на театарот.