Во Карпош 3 кај салата „Партизан“ започна изградбата на затворен пливачки базен

Новиот базен ќе биде со големина 33x40 метри и со длабочина до 1,4 метри, а ќе биде комплетно затворен објект што ќе биде поврзан со топла врска со спортската сала „Партизан“

Од почетокот на изградбата на затворениот базен во Карпош; Извор: Влада на РСМ

Скопје ќе добие нов спортско-рекреативен комплекс во населбата Карпош 3 со најновата инвестиција на Агенцијата за млади и спорт. Денеска започна изградбата на затворен пливачки базен до спортската сала „Партизан“, која исто така во моментов се наоѓа во завршна фаза на реконструкција.

„Со почетокот на изградбата на затворениот пливачки базен којшто го означуваме денеска и реконструкцијата на спортската сала „Партизан“ се гради целосен спортски комплекс во функција на младите, спортистите и рекреативците“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски го означи почетокот на градежните работи.

Новиот базен ќе биде со големина 33×40 метри и со длабочина до 1,4 метри, а ќе биде комплетно затворен објект што ќе биде поврзан со топла врска со спортската сала „Партизан“. Инвестицијата во новиот базен е финансирана од Владата преку Агенцијата за млади и спорт во износ од 760.000 евра.

„Воедно, овде на терен, со огромно задоволство сакам да споделам и дека веќе привршуваат работите на комплетната реконструкција на салата „Партизан“ кои треба да завршат некаде до средината на октомври што значи дека за 1 месец од денес ќе имаме пуштање на оваа сала и да видиме повторно младите карпошани и повозрасните да се занимаваат со своите омилени спортови“, изјави премиерот Ковачевски.

За реконструкција на спортската сала „Партизан“ се инвестирани дополнителни 1,1 милион евра.

Реконструираната спортска сала „Партизан“; Извор: Влада на РСМ

Со завршувањето на двата објекти, спортскиот комплекс ќе нуди можности за пливање, ракомет, одбојка, карате, кошарка и други спортови, а ќе бидат достапни и за голем број на спортски клубови.

„По многубројните инвестиции кои заедно со Владата и Агенцијата за млади и спорт ги реализиравме, еве сме при крај и со култната спортска сала „Партизан“, која е од огромно значење за жителите на Карпош, пред се за учениците од основните училишта. Особено ми е драго што сите ветени објекти кои со заедничка инвестиција од Владата се започнати, се веќе и завршени“ изјави градоначалникот на Карпош, Стевчo Јакимовски.