Во Брисел продолжуваат преговорите за Поглавјето 4 за слободното движење на капиталот

Фото: СЕП

Македонскиот преговарачки тим ги продолжи билатералните скрининг состаноци во Брисел, за Кластерот 2, посветен на внатрешниот пазар, со акцент на Поглавјето 4, за слободно движење на капитал. Како што истакна заменичката на главниот преговарач со Европската унија, Дрита Абдиу-Халили, Северна Македонија прави континуирани напори за усогласување на националното законодавство со европското во областа на слободното движење на капитал, што подразбира целосна либерализација и во фаза на капиталните текови од финансиските сметки, а сето ова во согласност со втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, која започна во декември 2018 година.

„Вреди да се напомене дека во делот на движењето на капиталот и плаќањата, во согласност со ССА, нашиот Закон за валутна дејност предвидува постепена либерализација на движењето на капиталот. Што се однесува со платните системи, сегашната правна рамка на нашата земја која ја регулира работењето на платниот систем е суштинско усогласена со законодавството на Европската Унија“, додаде Абдиу-Халили.

Од Секретаријатот за европски прашања информираат дека во април 2022 година беше донесен Законот за Платежни услуги и платни системи, кој во голема мера е усогласен со Директивата на ЕУ за платежни услуги, како и со другите ЕУ директиви за електронски пари и платен промет. Овој закон се применува од јануари 2023 година и оттогаш платежните трансакции се вршат не само од страна на банките, туку и другите лиценцирани платежни институции“,

Целта на Поглавјето посветено на слободното движење на капиталот е да се овозможи ефикасна прекугранична дистрибуција на физички и финансиски капитал за инвестициски и финансиски цели. За граѓаните тоа значи можности за извршување на повеќе трансакции, вклучително и отворање банкарски сметки во странство, купување хартии од вредност во странски компании, инвестирање таму каде што повратот на инвестицијата е подобар како и купување на недвижен имот во странство. За бизнисите, слободното движење на капиталот значи инвестирање и купување на бизниси внатре во единствениот пазар на ЕУ, како и обезбедување поевтин и достапен капитал.

Во текот на оваа недела, македонскиот преговарачки тим успешно ги заврши билатералните скрининзи за поглавјата 1 и 4, посветени на слободно движење на стоки и на капитал, кои се две од четирите основни слободи на кои се темели единствениот пазар на ЕУ. Од 27 февруари до 3 март ќе се одржат билатералните скрининг состаноци за Поглавјето 9, за финансиски услуги, Поглавјето 28, за заштита на потрошувачите и јавното здравје и Поглавјето 2 посветено на слободното движење на работници.