Во Белград почна судењето за Сребреница

Пред одделението за воени злосторства на Високиот суд во Белград, денеска со читање на обвинението почна судењето за осумтемина обвинети за воени злосторства над цивили во селото Кравица во Босна и Херцеговина за случајот „Сребреница“.

На судењето присуствуваат сите обвинeти, поранешни припадници на Специјалната бригада МУП на Република Српска. Според обвинението на Обвинителството за воени злосторства, обвинетите се товарат дека заедно со непознати припадници на специјалните бригади на Република Српска во халите на земјоделските задруги во село Кравица во јули 1995 година учествувале во убиство на повеќе стотини муслимани.

За воени злосторства против цивилното население обвинети се Недељко Милидраговиќ, Алекса Голијанин, Миливоје Батиница, Александар Дачевиќ, Боро Милетиќ, Јован Петровиќ, Драгомир Паровиќ и Видослав Васиќ.

Обвинетите се бранат од слобода, а како што на новинарите им соопштиле нивните адвокати, на подготвителното рочиште тие се изјасниле како невини.