ВМРО-ДПМНЕ: Сè што СДСМ ќе урне, ќе го обновиме кога ќе се вратиме на власт

ВМРО-ДПМНЕ порача вечерва дека сè што СДСМ „ќе урне и ќе уништи од она што е создадено, веднаш по враќањето на власт ќе биде обновено и вратено таму каде што било и такво како што било“. Опозициската партија се закани и дека ќе се бара одговорност за секој што ќе учествува во разни уривања, уништување или преместувања.

Во соопштението партијата порачува дека отстранувањето на споменикот на Ќосето, како и на други личности, ќе внесе раздор во народот.

„ВМРО-ДПМНЕ укажува дека политиката на пресметка или обид за собирање на политички поени на СДС преку отсранување на спомениците на композиција на светица која за време на својот живот била и добитник на Нобелова награда за мир, скопјанката Мајка Тереза, или преку отстранувањето на обележјето на македонскиот војвода Андон Јанев Ќосето, близок и многу доверлив соработник на Гоце Делчев, Даме Груев и Христо Татарчев, човек кој сериозно го ризикувал својот живот за целите на македонската револуционерна борба за слобода, ќе биде чекор кој ќе внесе негативна енергија и нов раздор во македонското општество“, се вели во партиското соопштение.

Партијата му порача на владејачкиот СДСМ „да се фокусира на градење наместо на уривање, на создавање наместо на уништување и на решавање на проблемите на граѓаните“.