Ирпен: Фото: Генералштаб на украинските вооружени сили

Србите како и дел од членовите на српско-македонските здруженија во Полошко се против инвазија на која било земја и се за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Но, некои од нив и покрај осудата од многу земји и организации, како и укажувањата недоразбирањата да се решаваат по дипломатски пат, сепак сметаат дека рускиот претседател Владимир Путин, можеби и имал право воено да интервенира кај својот источен сосед, бидејќи, како што велат, западниот свет му се меша во неговиот двор, па заради самоодбрана Русија ја започнала инвазијата, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Пишува: Зоран Димовски

 

Примислав Станојевиќ, претседател на „КУД Свети Сава 1“ Тетово, здружение кое е дел од српската заедница во Македонија, независно од македонската политика и интереси за „Вистиномер“, вели дека тој, а според него и многу Срби кои живеат во Македонија, се согласуваат и имаат ист став со српскиот државен врв, односно српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Ние не сме слепи послушници на Вучиќ, но гледаме и ја разбираме светската политика, додава Станојевиќ.

Тој е роден во Призрен, вели дека знае што е војна и какви се страдањата. Сака што поскоро да заврши сето ова, оти се работи за братоубиствена војна на два словенски православни народа.

Значи, ние агресијата не ја сакаме, оти ние сме Срби, знаеме што значи агресија и што значи нас да нè бомбардираат 79 дена 19 најголеми држави. Ние како Срби тука што живееме, многу си ја сакаме оваа држава. Но, ние не ги подржуваме санкциите кон Русија кои го воведе Македонија, оти ова е братоубиствена војна помеѓу православни народи, смета Станојевиќ.

Примислав Станојевиќ – Фото: Вистиномер

Се надева дека војната ќе се заврши по постигнат договор на заедничка маса. Што побрзо, тоа подобро за сите, оти економските последици се големи по целиот свет, земајќи ја предвид големата житница во Украина, но и зависноста од руските деривати. Ние треба да водиме неутрална политика и економија гледајќи го нашиот интерес, а не да ги слушаме дел од политичарите, кои се анти – Руси, додава Станојевиќ, кој според одговорите за „Вистиномер“ зазема проруски ставови.

 

Во Македонија политиката ја водат погрешни лица. Не може Бујар Османи, министер за надворшни работи да ни кажува немојте да купувате гориво во „Лук Оил“. Јас ќе купувам гориво, таму каде што сакам. Ова е катастрофа, се дигнаа цените, хаос е! Нека ни е Господ на помош!

Инфлацијата ги убива сите. Сега се лоши условите оти има војна, не можеш да предвидиш, не знаеме што ќе се случи. Дај боже што побргу да престане со војната, оти колку и да трае војната, пак на маса треба да заврши со договор. Меѓутоа, важно е дали ќе седнеш од позиција на победник или од позиција на губитник. Ама Русија нема да се повлече, уверен е Станојевиќ.

Инаку, Бујар Османи, во март за дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 изјави дека со купувањето на руската нафта се финансира руската војска, а со тоа и инвазијата врз Украина

Стојановиќ, сепак, смета дека српскиот претседател води бистра, мудра политика, политика на добрососедство која помага. Се надева дека концептот на отворени граници преку Отворен Балкан ќе придонесе да се зближат народите. Со тоа ризиците од војни ќе бидат далеку помали, економијата поголема, а нашите активности, кои поради ковидот, но и сега поради војната се во застој, ќе бидат побогати на меѓународен план.

Од Здружението на Срби и Македонци „КУД  Бранко Чајка Тетово“, пак, изградиле официјален став да не ги коментираат последните политички случувања, иако, како што велат, тоа влијае и ќе влијае на нивните активности.

Соња Андонов – Фото: Вистиномер

Кога се пишуваат проекти таму постои и една точка ризици, поради кои не би се одржала таа манифестација, како поплави, земјотреси, па и војна. Војната не е тука, но како домино ќе се почуствува. Таман излеговме од пандемијата, не сме соземени и сега оваа војна некако создаде вознемиреност непријатност, а ја чуствуваме и во економскиот дел. Имаме добиено средства од Министерството за култура за гостување во Тузла во БИХ, се надеваме дека оваа година нема да ги враќаме средствата. На пандемијата некако ѝ се гледа крајот, но не знаеме што ќе се случи со новава криза, а за нас ова е убава прилика и би било освежување да имаме настап бидејќи три години стоиме во место, ни рече Соња Андонов, претседател на Здружение на Срби и Македонци „КУД Бранко Чајка Тетово“

Марин Најдов – Фото: Вистиномер

Марин Најдов како секретар на Здружението „КУД Бранко Чајка Тетово“, ни го кажа својот личен став во врска со војната во Украина. Тој и самиот учествувал во воениот конфликт во 2001 година кај нас на страната на македонските безбедносни сили. Војната е сурова вели тој, а сега не им е лесно ниту на војниците од двете страни, ниту на цивилите, ниту на тие кои ги напуштаат домовите.

Иако има поголеми напади дека Русија е виновна за тоа што се случува, јас го мислам токму спротивното. Моето мислење е неврзано со Здружението, без разлика колку ги напаѓаат Русите поради нивните активности, мислам дека тие се во право, оти секој еден па макар и едно мало животно ако му влезеш во простор кој е негова територија или чувствува дека е негова територија, тоа ќе се брани. Русите ги предупредија и ЕУ и НАТО и светската јавност дека би било опасно ако НАТО се приближува и вистина се покажа дека е опасно.

Нормално дека секоја војна не е за оправдување, но Русите јасно предупредуваа НАТО да не се доближува до нивните граници, вели Најдов.

Не е јасно за какво влегување „во простор кој е негова територија“ станува збор во изјавата на Најдов. Украина не влезе на руска територија, како што тоа не го направи ниту НАТО. Напротив, токму обратното се случи. Украина не е ни членка на НАТО, ниту, пак, има можност да стане членка на кус рок.

Но, сепак, додава Најдов, ние како Здружение не водиме политика и во интерес ни се работите коишто ги промовираме, а тоа е јазикот, фолклорот, обичаите. Македонската политика, вели тој, нема избор – нејзиниот пат е кон Европа која инсистира државите членки, но и тие кои тежнеат да бидат дел од неа, да имаат иста линија во политиката, што на некој начин е природна работа, дополнува тој.

Србија се одвои од овој правец, оти нејзините односи со Русија се различни, споредбено со односите Македонија – Русија. Нејзиниот интерес кон Русија не ѝ дава право да заземе став кон неа, како што зазеле другите европски земји. Секој си го брани својот и се води од својот интерес, вели Најдов.

Ако се анализираат ставовите на дел од членовите на српските здруженија во однос на руско – украинската криза, се гледа дека се тие слични со српскиот државен врв, односно со оние на претседателот на Србија, Александар Вучиќ. А, тоа за „Вистиномер“ отворено го кажува и претседателот на Здружението „Свети Сава 1“,  Примислав Станојевиќ.

Српскиот претседател, Вучиќ на почетокот од месецот изјави дека Србија ќе се приклучи на сите одлуки на Генералното собрание на ОН за нарушување на територијалниот интегритет на Украина во конфликтот со Русија, но дека ќе ги отфрли сите оние кои се однесуваат на санкциите против Русија.

Имавме девет гласања, во осум не се придруживме, на едно гласање се приклучивме. За сè она што се однесува на рушење и кршење на територијалниот интегритет, Србија се приклучува, за она каде што се во прашање санкциите, Србија нема да се приклучи, барем додека можеме да издржиме и ова уште малку, уште неколку дена додека сум де факто претседател на Републиката. Е сега, откако ќе изберете (на изборите) некој друг, тоа е друга приказна, изјави Вучиќ.

Иван Стоиљковиќ – Фото: Принткрин видео

Инаку најголемата партија на Србите во Македонија не беше дел ниту од гласањето на документот со кој македонскиот парламент ја осуди Русија за инвазијата во Украина. Пратеникот и лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ во Собранието на 4 март го даде своето прилично нејасно и неодржливо образложение зошто не гласал за документот.

Извинете, не сум подготвен да им се восхитувам на умислените марионети кои како збрлавени ги мантраат валканите флоскули од западниот арсенал на антируска хистерија, а сѐ уште не ни почнале да бараат алтернативен пласман за праски од кавадаречко, јаболка од ресенско, домати од струмичко и зелка од кумановско… Нас во Собрание нѐ донесоа нашите селани и нашите работници за да го штитиме нивниот интерес, а не валканиот капитал на глобалистичката олигархија. Затоа, не треба да ве зачудува доминантното расположение на нашите луѓе, туку треба да ве плаши што сте на другата страна од својот народ, а крајот ќе го каже историјата. Јас и овојпат го одбирам потешкиот пат. Впрочем, Actum est, ilicet, некој ќе мора да ѝ ја отвори вратата на Македонија во новата реалност, а таа неминовно доаѓа, порача Стоиљковиќ.

Македонскиот извоз во Русија лани, на пример, изнесуваше само 57 милиони долари, наспроти извозот од речиси 8,2 милијарди долари во Европската унија. Така што последиците врз македонската економија од санкциите врз Русија се многу мали. А, кога станува збор, пак, за „валканиот капитал на глобалистичката олигархија“, руските олигарси се токму оние кои чуваат големи количества од своите не баш чесно заработени пари токму на Западот, што значи дека се дел од тој наводен „валкан капитал“.  Ова денес е сосема јасно ако се земат предвид западните санкции против нив и износите на замрзнати пари по западните банки, како и бројните замрзнати имоти на нивно име или на нивните реднини, кои не смеат да се продаваат, како и бројот на запаленети јахти и други луксузни производи, кои им припаѓаат токму ним.

Агим Пошка – Фото: Вистиномер

Универзитетскиот професор по мултикултурализам, Агим Пошка вели дека е јасно зошто Србите без разлика каде живеат немаат прозападен став во врска со руско – украинската криза. Факт е оти и Србија, но и нејзиниот народ без разлика каде живее – во случајов во Македонија, има историски врски со Русија и тие се јасни. Од друга страна, Србите им должат многу на Русија, особено поради косовското прашање.

Без разлика на историските врски со Русија, Србија и нејзиниот народ независно каде живее, не треба да биде на страната на агресорот во овој конфликт, кој ни најмалку не е испровоциран од украинска страна, каде, за жал, има голем број жртви, вели Универзитетскиот професор  Пошка.

Маја Мухиќ – Фото: isshs.edu.mk

Универзитетската професорка, Маја Мухиќ, пак, смета дека причините зошто дел од членовите на српските здруженија се поистоветуваат со српскиот државен врв, но и одбиваат да се приклонат кон прозападната позиција се повеќеслојни, односно имаат прагматична геополитичка и стратешка позадина.

Една од главните причини за одбивањето да се приклонат кон прозападната позиција мислам лежи во фактот дека НАТО ја бомбардираше Србија во 1999 година. Истовреме Западот, а особено САД и Велика Британија, застанаа силно позади осамостојувањето на Косово. Србија од друга страна, пак, целосно беше подржана дипломатски од Русија во непризнавањето на независноста на Косово. Резултатот на овие премрежија е амплифицираниот евроскептицизам, со оглед на тоа што за Србија ниту едно поглавје во врска со приемот во ЕУ не е отворено, заради нерешеното прашање околу признавањето на Косово. Во таа смисла, Русија ја подржува Србија во оспорувањето на тоа што се доживува како една исклучително емотивна точка за Србија, а тоа е независноста на Косово пред меѓународните институции. Згора на тоа Србија е и зависна од руските енергенси, а соработката е присутна и на воен план, имено преку купување на руско оружје, вели професорската Мухиќ.