Од Инфективната клиника потенцираат дека лекот со којшто се ,,боцка” пациентот во рамото е важен во терапијата и третманот за Ковид-19, но од него дефинитивно не може да настапи смрт. Терапијата што се дава против згрутчување на крвта (клексан) не е причина за настапување на смртта. Третманот е таков во сите ковид центри и нон-сенс е да се тврди дека од оваа терапија се предизвикува смртност, уште повеќе дека тоа намерно го прави некој од здравствените работници, пишува „Вистиномер“.

Постот што го рецензираме и го оценуваме како невистинит, се темели на коментар оставен под веста за починат 27 годишен пациент од коронавирус на Инфективната клиника. Откако веста за смртта на 27 годишниот пациент е објавена на Фејсбук, под оваа вест е оставен коментар во којшто се тврди дека на Инфективната клиника медицинскиот персонал, наводно, ги усмртува болните од Ковид-19 со инјекција.

Ова е жива лажа, само едно знам дека е вистина кој влезе во инфективно жив не излезе. Нас не излажаа дека мора свекРва ми корона тест да прави за да може да и се препишуваат лекарства. И рекоа одма ќе ја вратат, тие ја задржаа жената. Немаше ништо. Втората ноќ разговаравме рече пред нас ,,леле и мене ќе ме боцкате во рамо и ја боцкаа. Сите три што беа таму, две жени од Кочани и една од Делчево беа боцкани во рамото и за три саати добивме повик дека се мртви и одеднаш позитивни а уште резултатот го нема. Срам за Македонија, еве свекрва ми седум дена до денес без неа.

 

Потоа, овој коментар, кој во моментот на пишување на оваа рецензија, има над 380 допаѓања и над 70 коментари, е фотографиран и споделуван понатаму на приватни профили:

„Вистиномер“ официјално се обрати до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, од каде што најостро демантираа дека од терапијата што ја дистрибуираат по индикација за секој пациент според неговите потреби и според неговата клиничка слика, настанала смрт. Конкретно, како што велат оттаму, нискомолекуларните хепарини се даваат во склоп на третманот или профилактички или како тераписка доза. Овој лек со којшто се ,,боцка” пациентот во рамото е важен во терапијата и третманот за Ковид-19, но од него дефинитивно не може да настапи смрт.

Терапијата што се дава против згрутчување на крвта (клексан) не е причина за настапување на смртта. Кај нас во сите ковид центри тоа е третманот и нон сенс е да се тврди дека од оваа терапија се предизвикува смртноста, уште повеќе дека тоа некој од здравствените работници намерно го прави, ни одговорија од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

Оттаму додадоа дека е многу тешко од информациите кои се споделени во коментарот, а во коишто се обвинува за намерно предизвикување на смрт по пат на инjекција, да се провери на кое инфективно одделение биле лекувани наводните пациенти. Само посочија дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби не постојат одделенија во кои ковид пациенти се лекуваат по тројца во соба, бидејќи протоколот налага тие да се во изолација, најчесто по еден во соба.

Опасно и ризично е објавувањето и споделувањето на информации кои изложуваат непоткрепена и лаичка дезинформација дека персоналот на инфективните одделенија ,,убива со инјекција”. Можните последици се дека од ваков коментар некој пациент може да биде одвратен да оди во болница за да не го ,,убијат со инјекција во рамо”, па ќе се појави на болничко лекување доцна, што може да заврши трагично.