Само преку конкретни измени на Кривичниот законик и на Законот за кривична постапка преку давање на поголема надлежност на обвинителството и на МВР да постапуваат по службена должност и преку зголемување на казните кон напаѓачите, системски ќе се подобри безбедноста и политиката на неказнивост кон новинар(к)ите и медиумските работници/чки, беше заклучено на вчерашниот вебинар на тема „Изменување и дополнување на Кривичниот законик: Решенија за зајакнување на безбедноста на новинар(к)ите“, кој беше организиран од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

На вебинарот учествуваа триесетина учесници и тоа новинар(к)и,  експерт од Советот на Европа, претставници/чки од Основното јавно обвинителство, претставничка од Министерството за правда, како и адвокати кои застапуваат новинари пред судовите, информираат од ЗНМ. 

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски го изрази своето незадоволство бидејќи сѐ уште работите стагнираат и дека реформите тапкаат во место иако последнава година неколку пати се повторувале истите работи кои се потребни да се променат.

„Сѐ уште се бележи пораст во бројките на нападите и вербалните закани кон новинарите а неказнивоста останува. Би било голем успех кога наместо нападите кон новинарите да бидат правило би ги смениле да бидат инцидент кој ќе се казни“, истакна Чадиковски.

На настанот свое обраќање имаше Џонатан Прајс, експерт на Советот на Европа и адвокат во “Doughty Street Chambers”, Велика Британија. Тој истакна своите предлози за подобрувања и услогласувања со европските стандарди, во контекст на изменувањата и дополнувањата на Кривичниот законик на Северна Македонија. Прајс рече дека од исклучителна важност е да се надмине процесот на неказнивост и да се подигне статусот на новинар(к)ите во Кривичниот законик. Многу е важно јавното обвинителство да си ја врши својата работа и да има поведување на постапки во интерес на унапредувањето на заштитата на новинар(к)ите од страна на институциите.

Основната јавна обвинителка Спасенка Андонова во своето обраќање истакна дека како претставничка на обвинителството тие се должни да ја почитуваат легислативата. Го посочи говорот на омраза како пример за начин на комуникација со дискриминаторски елементи кој најчесто се употребува кон новинарите и медиумските работници. Укажа дека за жал бројките на поднесени пријави за оштетени новинари е процес кој бележи нагорна линија.

„Пријавата до обвинителството е иницијалниот акт кој всушност ја започнува работата и постапувањето на јавниот обвинител. Што повеќе пријави и кои изобилуваат со конкретни информации ќе го скрати времето на постапката во прибирањето и истрагата во постапката“, изјави обвинителката Спасенка Андонова.

Фуркан Салиу, новинар од Клан ТВ го сподели своето искуство со пријавувањето и реагирањето до ЗНМ за неговата безбедност и заканите кој тој ги добивал во минатото.

„Резултатите од теренот јасно укажува дека МВР и Основното јавно обвинителство не си ја вршат својата работа“, истакна тој. Колегата Салиу упати апел дека мора да се унапреди професијата новинар, да се добие поддршката од институциите и да се подобри праксата откако ќе се пријави случај дали било во ЗНМ или во МВР за закана кон новинар, институциите мора веднаш да реагираат во интерес на безбедноста на новинарите.

Адвокатот Иван Брешковски истакна дека важно е да се преземаат службени дејствија од обвинителството. Насилниот криминал, тортурата која што ја имаат новинарите имаат различен мотив споредбено со обичниот криминал.

„Друг проблем кој треба да се посочи е кога се работи за онлајн закани, да се обрати внимание дали заканувачите се партиски или државни функционери. Таму обвинителството мора да поведе службени дејствија. Во последниот период забележителен факт е дека се повеќе новинарки се жртви на закани“, изјави адвокатот Иван Брешковски.

Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изјави дека искуствата кои ги има ССНМ и ЗНМ се дека најголемиот дел од нападите кон новинарите и медиумските работници не влегуваат во процедура. Тој заклучи дека од 2017 година до денес речиси ништо се нема сменето во поглед на неказнивоста кон новинарите и медиумските работници.

Земајќи ја предвид важноста на улогата на МВР за заштита на новинарите кои се предмет на напади, на овој настан беше поканет и началникот на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, но непосредно пред настанот гостинот го откажа своето учество и претставник на овој вебинар од МВР немаше.