УСС УКИМ: Загрижени сме од гласините за можно враќање на онлајн наставата како решение за енергетската криза

Фото: УСС УКИМ

Загриженост од гласините кои се шират деновиве во однос на можно враќање на онлајн наставата за студентите како едно од решенијата за справување со енергетската криза, искажа Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ).

Од студентското собрание на УКИМ сметаат дека онлајн наставата не е единствено решение. Апел до надлежните упати и претседателот на УСС УКИМ, Славчо Темелковски на настанот на кој беше најавена изработката на нова Национална стратегија за млади.

„Испраќам апел дека тоа не е единствено решение и дека доколку се спроведе таквата инцијатива, ќе имаме огромни последици на долг рок, односно изгубени генерации кои не оствариле никаков контакт со своите колеги, некомпетентно младо работоспособно население, како и директни импликации врз продуктивноста и проактивниот живот на студентите“, порача Темелковски, додавајќи оти студентите треба да останат на своите факултети.

Од Универзитетското студентско собрание подвлекуваат дека „образованието е последната гранка од општеството која треба да биде дикретно погодена од последиците кои ги носи енергетската криза“.

Реакцијата на најголемата студентска организација следува откако минатата недела во јавноста се појавија гласини околу можно враќање на онлајн наставата.

Студентите и студентскиот стандард се спомнуваат и во документот кој го споделија повеќе медиуми, а кој ги содржи препораките на Владата упатени до неколку министерства. Со истиот документ до Министерството за образование и наука (МОН) се препорачува ревидирање на видовите на стипендии и бројот на корисници преку утврдување на построги критериуми за распределба, како и редефинирање на утврдениот систем за остварување на правото на студентски оброк.

Поради намалување на расходите на училишните и студентските домови, Владата од МОН бара да ја разгледа и можноста за јавно-приватно партнерство во менаџирањето со домовите.