УНИЦЕФ: Учениците во инклузивните училишта постигнуваат подобри резултати

Да се создаде безбедна и пријатна средина – без насилство, средина која го чува и негува менталното здравје – е од суштинска важност, соопштија од УНИЦЕФ честитајќи им го почетокот на новата школска година на учениците, наставниците и вработените во училиштата

https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/d/d1/Flag_of_UNICEF.svg

Претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер преку соопштение до јавноста им посака успешна учебна година на сите ученици, наставници и вработени во училиштата, потенцирајќи дека образованието е темелот за безбедно, инклузивно, просперитетно и одржливо општество. Според неа, да се создаде средина каде што се негува различноста и се вреднуваат сите ученици е од суштинско значење за реализација на целосниот потенцијал на секој ученик.

„Ваквиот пристап не само што поттикнува поправедно и поемпатично општество, туку и гарантира дека секој ученик ќе расте и ќе напредува. Учениците кои учат во училишта кои се инклузивни, безбедни и отпорни на климатските промени постигнуваат значително подобри резултати од учењето“, вели Милер.

Во соопштението од УНИЦЕФ се додава дека за да се постигне таа инклузија потребна е дополнителна поддршка, подобрување на вештините на наставниците и искористување на капацитетите на Ресурсните центри, како и на обезбедување наставни материјали и асистивна технологија.

„Исто така, на децата и семејствата им треба подобар пристап до дополнителни услуги кои ќе го поддржат учењето и ќе им овозможат стекнување животни вештини“, вели Милер.

Таа додава оти да се создаде безбедна и пријатна средина – без насилство, средина која го чува и негува менталното здравје – е од суштинска важност.

„Многу деца и адолесценти страдаат во тишина, поради стигмата или недостатокот на иницијативи со кои се промовира менталното здравје и се спречува насилството. Цената на оваа тишина е изгубениот човечки капитал, како и нарушената хармонија и просперитет на семејствата, заедниците и нациите“, вели Милер потенцирајќи дека училиштето треба да биде сигурна и безбедна средина во која децата и адолесцентите учат и напредуваат.

Таа, исто така,  вели оти училиштата мора да се осврнат и на предизвиците што ги носат климатските промени.

„Екстремната топлина може значително да влијае врз развојот на децата, што води кон лошо здравје и исхрана, како и кон послаб образовен успех“, се вели во соопштението.

Од УНИЦЕФ го поздравуваат протоколот за работа на училиштата при топлотни бранови што го изработи Министерството за образование и наука.

„Со овој протокол, училиштата се насочуваат да направат неопходни прилагодувања со цел учениците да се заштитат од ефектите на екстремни горештини и да продолжат да учат во здрава и сигурна средина. Покрај овие итни мерки, мора да направиме и долгорочни инвестиции за поголема климатска отпорност на училиштата, при што училишните згради, дворовите и игралиштата ќе имаат доволно зеленило, сенка и посвежи места за да може да функционираат во услови на сè повисоки температури“, велат од УНИЦЕФ.