Наставата во новата учебна година нема да трае подолго од 10 јуни и нема да има пролетен распуст. Едносменска настава се воведува во 140 училишта, а како поддршка на учениците со попреченост ќе бидат ангажирани над 1.000 образовни асистенти.
Ова денеска го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска на прес-конференција пред утрешниот почеток на новата учебна 2024/2025 година.
Таа рече дека, за првпат по седум години, учебната година започнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата и оти се обезбедени десетина нови наслови во основното и над сто во средното образование кои досега не биле испечатени.
„За прв пат по седум години, учебната година започнува со учебници. Ова беше еден од приоритетите на моето работење и можам да кажам дека дадениот збор е успешно исполнет. Сите учебници кои се одобрени и испечатени, во овие 60 дена се веќе испорачани во тираж од 360 илјади примероци“, рече министерката Јаневска.
Учебници, сепак, нема да има за сите предмети, односно во некои случаи ќе се учи од наставни материјали.
„По предметот историја и општество за петто и шесто одделение, како и за предметите историја и географија за седмо одделение обезбедивме печатени материјали на сите 5 наставни јазици, со оглед на тоа што немаше одобрени учебници. Наставни материјали обезбедивме и за јазикот и културата на заедниците во сите одделенија каде немаше никаков учебник“, рече Јаневска.
Во основното образование ќе недостасуваат учебници за странски јазици од прво до деветто, а Јаневска ова го правда со тоа што претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка, па таа одлука била во жалбена фаза која трае сè уште.
„Во делот на средното образование, затекнавме состојба на испечатени само 15 наслови за средно стручно образование во минатата година, а ние сега печатиме над 100 учебници кои досега не биле печатени. Сакам и да информирам дека отпочнати се подготвителни активности за изработка на нови наставни планови и програми во гимназиско образование и тие ќе се применуваат од учебната 2025-2026 година. Врз основа на истите ќе се спроведат и постапки за одобрување на нови учебници“, рече министерката.
Јаневска кажа дека имплементацијата на новата концепција за основно образование е одложена во седмо, осмо и деветто одделение, првенствено поради револтот на наставниците околу интегрирањето на предметите и „губењето на нивната основна суштина“, како и „збунетоста кај учениците од материјата која им се предавала“.
„Во моментов ги консултираме наставниците и сите нивни забелешки ќе бидат интегрирани во новите програми што ќе ги подготви БРО и етапно во следните три години, година по година, а почнувајќи од 2025-2026 година, ќе се воведуваат во училиштата. Ќе се навратиме и на ревидирање на наставните програми во пониските одделенија, бидејќи и таму ситуацијата е идентична“, истакна Јаневска.
Министерката за образование и наука рече дека ставот на министерството и на Владата е оти покачување на платите на наставниците е предвидено во 2025 година, а годинава немало можност за интервенирање поради, како што кажа, огромната наследена дупка во буџетот на МОН во износ од 5 милијарди денари.
„Сосема е разбирливо дека наставниците се во право, тие си ги бараат и бранат своите права и целосно застанувам на нивна страна. Апелирам, да издржиме краток период и заедно да ја пребродиме кризата која е резултат на лошото и несовесно менаџирање на парите од претходното раководство“, изјави Јаневска.
Новата учебна година стартува утре за 245.000 основци и средношколци. Оваа бројка, рече Јаневска, е намалена за 17.000 во последните седум години. Во истиот период, пак, бројот на првачиња во земјава се намалил за околу 3.500.