Унгарската полиција ги отфрли обвинувањата дека во таа земја се постапува лошо спрема бегалците, кои и понатаму пристигнуваат во големи групи на патот кон Западна Европа.
Портпаролката на полицијата, Викторија Чисек-Ковач, рекла дека мигрантите на пунктовите што ги контролира полицијата близу границата со Србија добиваат медицнска нега.
Таа рекла дека наводите за злоупотреба се „чисти лаги“ и дека мигрантите „се чуваат редoвно“.
Директорот на „Хјуман рајтс воч“ за вонредни ситуации, Питер Брукерт, вчера по посетата на бегалскиот камп во Унгарија, рекол дека спрема барателите на азил се постапува како спрема животни.
– Луѓето се држат во огради како животни, на сонце, без храна и вода и без медицинска помош кога стигнуваат болни. Неприфатливо е луѓето да се третираат како животни на прагот на Европа – изјави Брукерт.
Унгарската полиција соопшти дека околу 1.000 полицајци се на должност на границата со Србија, каде од вчера примени се околу 3.321 мигрант.