Уапсени стотина членови на мафијата на Сицилија

Повеќе од 100 осомничени членови на мафијашки клан од источниот сицилиски град Катанија се уапсени врз основа на обвинение за изнудување пари и за шверц на дрога, соопшти италијанската полиција.

Полициската операција особено го потресе семејството Лаудани, а апењата се изведени на Сицилија, во внатрешноста на Италија и во странство, се наведува во соопштението на полицијата.

Меѓу уапсените има и жени кои, како што наведува полицијата, го презеле управувањето со организацијата откако мажите се ставени зад решетки и воспоставиле фонд за помош на семејствата на членовите на кланот кои се во затвор.

Операцијата сè уште е во тек, а подоцна ќе бидат соопштени повеќе детали, стои во соопштението.