Уапсени 79 лица во Србија, меѓу кои и функционери

Во голема антикорупциска акција синоќа во Србија, биле уапсени 79 лица, меѓу кои и неколку поранешни функционери, соопшти српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ.

На вонредна прес-конференција, Стефановиќ изјавил дека меѓу 79 уапсени се и поранешниот министер Слободан Милосављевиќ и поранешната директорка на Агенцијата за борба против корупцицијата, Зорана Марквиќ, како и бизнисменот Жељко Жуниќ, сопственик на „Беохемија“. Помеѓу уапсените се и двајца помошници министри, директори на јавни претпријатија, бизнисмени и поранешни и сегашни претседатели на општини. Стефановиќ најавил дека ќе има кривични пријави и за уште 39 лица.

Сите се уапсени поради сомневање дека од 2004 година извршиле повеќе кривични дела со кои ја оштетиле државата за повеќе од 100 милиони евра. Стефановиќ прецизирал дека апсењата се направени поради корупција во 20 различни случаи.

Според него, меѓу извршените кривични дела од 2004 година се перење пари, злоупотреба на службена позиција, примање и давање мито, злоупотреби со јавни набавки, коруптивни дела во областа на земјоделството и издавање градежни земјишта во локалните самоуправи.

Српскиот министер навел дека акциите биле спроведени за да се спречи финансискиот криминал и корупцијата, како и злоупотребата на државните органи и додал дека против уапсените биле поднесени и повеќе кривични пријави поради основани сомневања дека од 2004 година до денес извршиле повеќе кривични дела.