Туск сослушан во истрагата за падот на авионот на Лех Качински

Претседателот на Европскиот совет и поранешен премиер на Полска, Доналд Туск, денеска даде исказ во обвинителството во Варшава во својство на сведок во истрагата за падот на авионот на полскиот претседател кај Смоленск во 2о1о година, при што загина претседателот Лех Качински, како и 95 патници и членови на екипажот.

Опозицијата тврди дека повикувањето на Туск да сведочи претставува политички прогон.

Јарослав Качински, братот близнак на покојниот претседател и лидер на владејачката конзервативна партија Право и правда, денеска рече дека Туск „има од што да се плаши“.

Качински повеќепати го обвинуваше Туск дека има „политичка одговорност“ за несреќата, а изминатите денови тој ги обвини пратениците од опозицијата дека го „уништиле и убиле“ неговиот брат.

Пред да влезе во зградата на обвинителството, Туск на новинарите им рече дека „тоа што Јарослав Качински го говори во парламентот, во напади на бес, јасно покажува која е целта на сослушувањето“.

Обвинителството го повика Туск да сведочи во рамки на истрагата за небрежност на државните функционери при аутопсијата на жртвите во несреќата, во која покрај Качински настрадаа уште 95 луѓе.

Тој во април сведочеше и во истрага против два поранешни раководители на воената контраразузнавачка служба, обвинети дека ги пречекориле овластувањата во соработката со руската Федерална служба за безбедност по несреќата. И тогаш Туск го осуди „политичкиот карактер“ на сослушувањето.