„Црн петок“: Повеќе метеж отколку купување

Продавници полни со претежно млади луѓе забележавме во „Сити мол“ по повод т.н. црн петок,  првиот ден по американскиот празник Ден на благодарноста.

Но, впечатокот е дека не владееше некоја голема купувачка треска и не забележавме дека граѓаните купуваат повеќе од вообичаено.

Ретки беа продавниците во кои се создаваше ред за наплата, а малкумина од тие што ги сретнавме носеа по неколку кеси купени производи. Метежот во продавниците и во ходниците беше малку поголем отколку што е вообичаено за викенд.

Граѓаните се жалат дека попустите не се големи и дека 20 проценти попуст на висока сума не е ништо.

– За разлика од кај нас, во трговските центри во соседството попустите се навистина големи, и до 80 проценти – вели еден граѓанин.

Попустот во продавниците се движи од 10 до 50 проценти, а намалувањето на цените на новите колекции е многу мало.

Продавачите не сакаа да откријат дали овој „црн петок“ имаат повеќе или помалку промет од истиот ден лани, а не сакаа да откријат ни дали метежот е поголем од тој за време на викенди.