Фото: Hedy Erni from Pixabay

До Министерството за внатрешни работи (МВР) од австриската полиција, преку Европол, денеска било доставено барање за соработка и информации околу терористичкиот напад кој се случи синоќа во Виена, информираат од МВР.

„Од списокот на австриската полиција, кој е доставен до повеќе полиции, меѓу кои и нашата, утврдено е дека три лица покрај австриското имаат и државјанство на Република Северна Македонија, и тоа К.Ф. (роден во Модлинг, Австрија), А.Г. (роден во Сент Полтен, Австрија) и У.А. (роден во Виена, Австрија)“, се наведува во соопштението на МВР.

Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се ставил на располагање на колегите од Австрија и интензивно соработува на сите елементи поврзани со овој случај.

Од МВР велат дека била остварена и директна комуникација меѓу премиерите Заев и Курц. Премиерот Курц изразил благодарност до премиерот Заев за искажаната солидарност и поддршка. Премиерите изразиле подготвеност да ја продолжат комуникацијата и соработката во врска со терористичкиот напад доколку австриските служби утврдат таква потреба.

Инаку, претседателот Стево Пендаровски денеска оствари телефонски разговор со неговиот австриски колега, Александер Ван дер Белен, во која тој остро го осуди синоќешниот терористички напад во центарот на Виена и изрази жалење за загубените животи.

„Претседателот Пендаровски изрази подготвеност за сеопфатна соработка во насока на превенција и пресретнување на радикализмот и тероризмот, мотивирани од верскиот фундаментализам. Двајцата претседатели оценија дека синоќешниот терористички акт во Виена е напад врз заедничките вредности во кои веруваме и врз нашиот начин на живот“, се вели во соопштението испратено од неговиот кабинет.

Синоќешниот терористички напад во Виена силно го осуди и нашето Министерство за надворешни работи (МНР), изразувајќи сочувство до семејствата и граѓаните на Австрија.

„Ја споделуваме болката со нашите австриски и европски пријатели. Тероризмот не признава ниту нација, ниту религија, ниту потекло, и ние строго го осудуваме овој терористички чин, без разлика од кого е сторен“, се вели во соопштението на МНР.

Во меѓувреме, Би-би-си јавува дека австриската полиција денеска уапсила 14 лица откако во синоќешниот напад беа убиени четири лица, меѓу кои и 20-годишниот напаѓач. Австриските власти и понатаму истражуваат дали имало и втор напаѓач и оваа верзија не е исклучена, известија од австриското МВР. Денеска бил извршен претрес во 18 простории во Виена и нејзината околина, пренесе Гардијан.