Трета бескаматна ковид кредитна линија: 31 милион евра за микро и малите компании, трговски претријатија и занаетчии

Фото: Влада на РСМ

Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес на заедничка прес-конференција со ЕУ амбасадорот Дејвид Гир и директорот на Развојната банка Кире Наумов, ја промовираше новата, трета по ред бескаматна кредитна линија Ковид 3, која од денес станува достапна за микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии, а со која на располагање се ставаат 31 милион евра.

Битиќи посочи дека на јавниот повик, објавен од Развојната банка може да аплицираат сите микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии чие работење е погодено од корона вирусот, а може да се измери преку падот на приходите.

„Во оваа трета кредитна линија, на барање на Занаетчиските комори, првпат е проширен таргетот на кредитната линија и им е дадена шанса и на занаетчиите кои имаат пад на своите приходи најмалку 20 проценти, да можат да понесат кредитно барање за кредит со нула отсто камата. Оваa мерка е континуитет на претходните две кредитни линии Ковид 1 и Ковид 2, со кои беа обезбедени бескаматни кредити во вредност од 13,5 милиони евра, за 1.376 компании, за зачувување на близу 18.000 работни места во овие компании. Очекуваме третата линија да поддржи 2.000 микро и мали субјекти,“ нагласи Битиќи.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Дејвид Гир подвлече дека бескаматната кредитна линија е дел од голем финансиски пакет обезбеден од страна на Европската Унија во вредност од 40 милиони евра.

„Целта на овој пакет е да даде поддршка на малите бизниси како и да промовира вработување и да стимулира иновации. Од овие 40 милиони евра, 30 милиони евра заедно со еден милион евра од националните фондови ќе добијат форма на бескаматна кредитна линија којашто ќе биде управувана од страна на Развојната банка наменета за микро и мали македонски претпријатија, коишто ќе им помогнат во справување со последиците од пандемијата. Останатите 10 милиони евра ќе бидат управувани од Агенцијата за вработување, се со цел да им се помогне на луѓето кои се без работа, а сакаат да основаат почетен бизнис, како и да им овозможи на микро, на малите и средните претпријатија да креираат нови можности за работа. Во исто време овој пакет „EU4resilience“- „ЕУ за отпорност“ ќе охрабри инвестиции во зелената и дигитална транзиција, прашања коишто го заземаат врвот на агендата на Европската Унија, истовремено промовирајќи можности за жените како и за младите лица,“ нагласи Гир.

Директорот на развојната банка Кире Наумов ги презентираше сите детали на јавниот повик при што посочи дека кредитите ќе бидат без камата, со 3 години рок на отплата и вклучен грејс период до 6 месеци, а ќе може да се користат за набавка на основни и обртни средства заради непречено финансирање на тековните активности и потребата од обртен капитал на субјектите.

„Минимален износ на кредит за кој ќе може да се поднесе барање е 3.000 евра, а максималниот износ изнесува 5.000 евра за трговец поединец и занаетчија; и 15.000 евра за микро и мали трговски друштва. Објавата на Јавниот повик ја правиме денес, а почетокот за доставување кредитни барања за Ковид 3 е на 16 декември од 00 часот и 01 минута на полноќ. Кредитни барања ќе може да се доставуваат сè до 30 декември до 23 часот и 59 минути, односно повикот трае вкупно 15 дена. Пристигнатите кредитни барања ќе се обработуваат по завршување на јавниот повик, хронолошки, по принципот прв дојден, прв услужен,” појасни Наумов.